Основни задачи и цели

Цели на Комората и начин на нивно остварување.

Член 8

Основни цели на Комората се:

  1. унапредување, координирање и развивање на вршењето дејноста стечаен управник во РМ, како дејност која ја вршат лица со јавни овластувања, постапуваќи во согласност со Законот за стечај и подзаконските акти од оваа област, како и другата законска регулатива;
  2. заштита на самостојноста и независноста на стечајните управници во вршењето на дејноста;
  3. континуирано стручно оспособување на стечајните управници;
  4. остварување на јавноста и транспарентноста на работата на Комората и вршењето на дејноста на стечајните управници;
  5. остварување соработка на меѓународен план со комори и асоцијации на стечајните управници и зачленување и активности на стечајните управници во ИНСОЛ.

Член 9

Целите Комората ги оставрува преку:

  1. организирање редовни средби со претставници на Министерството за економија на РМ и претставниците на другите државни органи, судовите, институции, јавни регистри, носители на платниот промет и други субјекти со кои е поврзано функционирањето на стечајните управници;
  2. иницирање прашања и предлози во однос на законската и подзаконската регулатива до Министерството за економија кои се однесуваат на поефикасно вршење на дејноста на стечајните управници во Република Македонија;
  3. организирање семинари и предавања, во соработка со Министерството за економија, научните и стручни институции и здруженија од РМ и странство, на теми кои се однесуваат на спроведување на инсолвентните постапки и дејноста на стечајните управници и воопшто функционирањето на правниот систем и владеењето на правото од интерес за оваа дејност;
  4. основање интерно гласило на Комората во функција на интерно информирање на стечајните управници како за активностите на Комората, така и за вршењето на дејноста;
  5. осмислена и организирана соработка со јавните гласила, во функција на информирање на јавноста за вршењето за дејноста на стечајните управниции обезбедување транспарентност во работата на стечајните управници.

Член 10

Комората ги уредува и извршува целите во согласност со Уставот, законите меѓународните договори ратификувани во согласност со закон, подзаконските прописи, одредбите од овој Статут и другите акти на Комората.

Член 11

Комората има свои деловни книги.

Член 12

Комората посебно се грижи за:

  1. обезбедување услови за правилно, успешно и независно вршење на дејноста на стечајните управници;
  2. заштита на предметот за работата и јавните овластувања;
  3. обезбедување на услови за водење и чување на архивата на Комората, особено на архивската граѓа од траен карактер.